Загубите на прилепските земјоделци од невремето се проценети на 112 милиони денари
Големите поплави кои ги зафатија Струмичкиот и регионот на Свети Николе во февруари годинава не ја загадија почвата, беше истакнато на вчерашната средба со земјоделците од овие региони во организација на Руралната коалиција од Скопје што се одржа во Струмица. Според извршеното истражување, најголема штета претрпеа засадените култури, кои земјоделците мораа да ги отстранат и повторно да засадуваат.

Штети од невремето минатиот месец претрпеа и прилепските производители, а материјалната штета се проценува на 112 милиони денари. Невремето во Прилепско оштети вкупно 1.205 хектари од кои 807 под тутун, 332 со житни култури, 39 со градинарски култури, 20 хектари лозје и повеќе од еден хектар аронија.
Со извршената агрохемиска анализа на почвата во Струмичко, констатирано е дека водата најмногу штети предизвикала со наноси и одмивање на горните слоеви на почвата.
„Трајни последици од поплавите нема, благодарение на тоа што почвата била обезбедена со хранливи елементи со што било спречено почвата целосно да се одмие“, рече професор Татјана Миткова од Факултетот за земјоделство и храна во Скопје.
Според неа, земјоделците не само при поплави, туку редовно треба да вршат испитување на почвата, кое чини околу 1.500 денари и тоа се средства кои се субвенционираат од страна на државата.
Прилепските земјоделци до надлежната Комисија поднеле 2.573 барања за обесштетување од кои како комплетни биле уважени 1.846. Најпогодени од невремето проследено со град, освен Прилеп, беа и селата Канатларци, Ерековци, Марул, Шелеверци, Старо Лагово, Ново Лагово, Беровци, Чумово, Волково, населбата Варош и дел од атарот на село Мало Коњари. Комисијата предложила секој оштетен граѓанин да добие одредени средства како регрес за вештачки ѓубриња и нафта за есенската сеидба, социјална помош, како и реактивирање и осовременување на системот за заштита од град. Завршниот извештај за штетите Советот на Општината ќе го испрати до Владата, а второстепената комисија ќе ја одреди висината на обештетувањето