Петти најтопол октомври на глобално ниво
Напишано од Глигор Тодоров
сабота, 17 ноември 2012
Според податоците кои ги објави американскиот Национален центар за климатски податоци (NCDC) кој работи во  рамките на Националната управа за океани и атмосфера (NOAA)овогодишниот октомври на глобално ниво (според температурата на копното и океаните) бил петтиот најтопол октомври од кога се водат податоците(1880 година).

Според температурата на копнените површини октомври бил осмиот најтопол, а според температурите на океаните четврти нјатопол на глобално ниво. На јужната полутопка октомври бил втор најтопол во историјата на мерење на температурата.
 
Првите десет месеци во 2012 година (периодот јануари-октомври) е осми најтопол таков период на глобално ниво гледајки ја комбинираната температура на копното и океаните.

Комбинираната глобална температура на копното и океаните на Земјата во октомври изнесувала 14.63°C (со грешка од +/-0.07°C), што е за 0.63°C над просечната температура за 20 век која изнесува 14.0°C. Досега најтоплиот октомври е тој од 2003 година со температурна аномалија од +0.73°C, а пак досегашниот најстуден октомври е забележан во 1912 година со температурна аномалија од -0.57°C.

Според температурата на копнените површини октомври бил осмиот најтопол досега, со температура од +0,92°C над просекот за 20 век кој изнесува 9.3°C. Според температурата на светските океани овогодишниот октомври е четвртиот најтопол досега, со одстапување од +0.52°C од просекот за 20 век кој изнесува 15.9°C.

На северната полутопка октомври бил седмиот најтопол по вкупната температура на копното и океаните(+0.68 °C). Според температурата на копнените површини на северната полутопка октомври е осмиот најтопол досега(+0.88 °C), а според температурата на океаните октомври на северната полутопка бил петтиот најтопол досега(+0.55 °C).

На јужната полутопка октомври според вкупната температура на копното и океаните бил вториот најтопол досега (+0.60 °C).

Октомври најтопол бил на севереоисток и југозапад од Северна Америка, во поголем дел од Јужна Америка, на север од Африка, југоисток од Европа, југозапад од Азија и на исток од Русија. Рекордно топло било во делови од Бразил и Боливија како и на југ од Индија.

Студен октомври бил забележан на север од Сибир, Монголија, на север од Кина, во централните предели на Северна Америка и на запад од Канада.

Количеството на врнежи, како што е вообичаено било многу разноличен низ целиот свет. На запад од Финска наврнале двапати повеќе врнежи од просечните, а на некои мерни станици е забележано и рекордно количество на врнежи. Ураганот Сенди условил големи количини на дожд во Јамајка, Хаити, Доминиканската Република, како и во голем дел од источниот брег на САД.

Во Австралија октомври бил сушен месец, забележан е десетиот најсушен во историјата на мерењата на податоците со 48% од просечните врнежи. На југ од Австралија наврнале само 18% од просечните количества на врнежи (петти најсушен октомври).

Според податоците на американскиот Национален центар за податоци за снег и лед во текот на октомври  на Арктикот била забележана втората најмала површина под лед од кога започнале сателитските мерења (1979 година). Под лед биле 7 милиони квадратни километри, што е за 24.61% помалку од просечната ледена површина за октомври (1979-2000). Најмала вредност била измерена во октомври 2007 година (230 000 квадратни километри помала површина под лед од овогодишниот октомври).

На подрачјето на Антарктикот во октомври површината под лед била 3.36% над просечната вредност од периодот 1979-2000, што представува третата најголема површина досега забележана во октомври.

На северната полутопка со октомври започнува постудениот дел од годината. Снежната покривка била за 1.9 милиони квадратни километри поголема од просечната вредност за октомври која изнесува 17.96 милиони квадратни километри, што претставува осма најголема вредност за октомври во историјата на мерење на податоците (последните 45 години). Најобилни снежни врнежи се забележани во Канада, Русија и Тибет, додека во САД и на Хималаите забележана е помала снежна покривка од октомврискиот просек.