Бугарскиот црноморски град Варна се бори со последиците на најтешкото невреме во последните децении. Загинаа 14 луѓе, повеќемина се‘ уште се водат како исчезнати.
Поројни дождови, надојдени реки и поплавени подрачја во рок од само неколку минути, улици претворени во реки - бројот на жртвите од поплавите во Бугарија достигна 14, но можно е да расте, зашто се‘ уште има луѓе кои се водат како исчезнати. Луѓето во бугарскиот пристанишен град на Црното Море, Варна, кој е најпогоден, се соочени со последиците од најголемото невреме што овој регион го зафатило во последните децении.
„Вакво нешто не сум доживеал, а нешто слично не памети ни мојот дедо“, вели еден жител на градот.
Во Варна, според локалните власти, загинале единаесет лица, меѓи кои две деца. Најмногу настрада квартот Аспарухово, идилична населба на падините на еден рид.
„Фала му на Господ, можев да избегам, за малку ќе се удавев“, раскажува Бранимир.
„Сите беа во паника и трчаа“, сведочи 38-годишниот маж, а една 50-годишна жена додава: „Моравме да се искачиме на покривот на гаражата за да се спасиме“.
На улиците на Аспарухово вчера насекаде имаше потопени автомобили и откорнати дрвја. Околу 25 илјади жители од овој дел од градот немаа електрична струја, во прекин беа и телефонските врски. Во соседниот град на Варна, Добрич, според министерството за внатрешни работи, загинале три лица. И во овој регион повеќе лица се водат како исчезнати.
Поради невремето во четвртокот вечерта мораше да биде затворено и пристаништето во Варна, најважното во земјата. Од летувалиштето Албена беа евакуирани 1200 туристи од Германија, Русија, Велика Британија и други земји со камиони и хеликоптери, откако еден хотел беше поплавен. Северно од Варна, во хотел остана блокирана група украински деца.
Поголем број училишта се затворени поради невремето, војниците и затворениците помагаа во спасувачките работи и расчистувањето. Парламентот во Софија со минута молчење оддаде почит на жртвите и за в понеделник (23.06) прогласи еднодневна национална жалост.
Извор - DW.de