Препораки за спречување на штетните ефекти од надворешните високи температури врз здравјето на луѓето, препорачани од страна на Министерството за здравство на РМ, Институтот за јавно здравје на РМ и Центрите за Јавно здравје.
1. Општи препораки за заштита од топлотен бран
- За време на топлотен бран избегнувајте, колку што е можно, излегување во надворешна средина во периодот од 10:00-17:00 часот. Неопходните работи завршувајте ги пред 10:00 часот или после 17:00 часот.
- За време на топлотен бран во периодот од 10:00- 17:00 часот, да се избегнуваат напорни физички активности, вклучувајќи спорт и рекреативни активности.
- Останете, колку што е можно, во затворени климатизирани простории (обичните вентилатори не помагаат кога температурата е над 35 степени). Затворете ги прозорците и ролетните во тек на денот, отворете ги навечер кога температурата е пониска.
- При неопходен престој на отворен простор, избегнувајте директна изложеност на сонце, најдете можности за почести одмори под сенка.
- Носете светла и лесна облека (светлите бои, во извесна мера ја одбиваат светлината) од природни такенини (памучни, ленени), ставете заштитни очила и капа.
- Внесувајте големо количество на течност (не чекајте да бидете жедни), почнувајќи од обичната вода за пиење, па сѐ до минерализирани безалкохолни пијалоци. Избегнувајте алкохолни пијалоци и пијалоци кои содржат кофеин, како и екстремно студени пијалоци.
- Внесувајте помало количество на храна. Избегнувајте мрсна и високо-калорична храна и храна која содржи поголемо количество шеќер.
- Туширајте се со студена вода повеќе пати во денот (или ставете студени облоги и чувајте ги нозете во студена вода).
- Кога сте во возило, отворете прозорец, за да овозможите вентилација на воздухот. Целосно затворените возила стануваат многу жешки. Не оставајте никого во возилото.
- Хроничните болни, посебно тие со срцеви, невролошки и белодробни болести, потребно е да бидат многу дисциплинирани во однос на овие препораки и редовно да ја земаат својата терапија. За секакви промени на здравствената состојба, задолжително да го консултираат матичниот доктор.
- Пред употреба на свеж зеленчук и овошје, задолжително е нивно миење.
- Термички подготвена храна, да се конзумира веднаш после подготовката. Ако тоа не се направи, подготвената храна да се стави во ладилник на температура до +8 Целзиусови степени, а пред употреба, да се загрее на +100 степени.
- Да се избегнуваат производи кои не се термички обработени (домашен мајонез, сладолед, разни кремови).
- Консултирајте се со својот доктор, доколку почуствувате невообичаени симптоми кои траат подолго време.
- Ако чуствувате зашеметеност, слабост, вознемиреност или чувство на интензивна жед и главоболка, побарајте помош, преместете се на постудено место, колку што е можно побрзо и измерете ја својата телесна температура. Веднаш напијте се вода или негазиран минерален пијалок за да се рехидрирате.
- Ако имате болни грчеви во мускулите на нозете, рацете и стомакот, што побрзо одморете се на постудено место и напијте се течност што содржи електролити. Медицинска помош е потребна ако грчевите траат подолго од еден час.
- Ако некој член од вашето семејство или лице на кое помагате, има топла и сува кожа или е во бесознание, веднаш повикајте 194! Додека се чека итната медицинска помош, префрлете го на студено место и ставете го во хоризонтална положба, подигнете му ги нозете и колковите, отстранете му ја гардеробата, воспоставете надворешно ладење (студени облози на вратот, пазувите и слабините и постојано прскајте му ја кожата со вода). Мерете му ја телесната температура. Не давајте терапија. Ако лицето е во бесознание, не треба да лежи на грб, туку завртете го во странична положба.
2. Препораки за раководителите на пензионерски домови, центри за долготрајна институционална грижа и здравствени установи
- Да се почитуваат препораките за однесување при топло време дадени во едукативните материјали за општата популација. Установите (објектите) да се оддржуваат студени, а лицата во истите да бидат заштитени од топлина, да останат во студено и да внесуваат доволно количество течности.
- Да се следи внатрешната температура на објектот. Да се обезбеди барем една студена соба (соба со клима уред и температура пониска од 25 степени Целзиусови). Да се овозможи пациентите (станарите) да поминуваат во студените простории по неколку часа дневно.
- Општиот доктор да направи ревизија на редовното земање на терапија на хроничните болни.
- Да се следи внесувањето на течности од страна на пациентите (станарите), нудете (служете) безалкохолни и незасладени пијалоци, следете им ја телесната температура, пулсот, крвниот притисок и хидратацијата.
- Внимавајте на рани знаци на топлотни болести и започнете соодветен третман.
- Информирајте и обучете ги вработените. По потреба зголемете го нивниот број.
Извор - топлотнибранови.мк