Недостигот на осигурување на имотот влијае на економијата
Напишано од Глигор Тодоров
понеделник, 21 мај 2012
Иако владите во регионот нудат субвенции за осигурување од евентуални загуби на реколтата, бројот на земјоделците што го осигуруваат своето обработливо земјиште во регионот останува занемарливо мал, а штетите на приносите се зголемуваат. Оваа ситуација поттикна дебата за тоа колку е заштитен секторот што е од суштинска важност за економскиот развој.

Штетите може да се клучни за економијата на државата, особено во оние земји во кои земјоделското производство е доминантно во БДП, како што е случајот со нас.

Експертите проценуваат дека околу 3 отсто од земјоделците во регионот ги осигуруваат своите земјишта во играта сé или ништо со природата. Во Србија, на пример, бројката е помалку од 10 отсто, додека во земјите на ЕУ како Франција и Австрија истата е 77 отсто, односно 90 отсто.

Сезоната на невообичаено обилните снежни врнежи, последователните поплави, лапавици, пожари и други катастрофи оваа година предизвикаа стотици милиони евра штета. Само во Босна и Херцеговина штетата на реколтата изнесуваше преку 80 милиони евра.

Земјоделците рекоа дека главната причина за слабиот интерес за обезбедување осигурување лежи во непринципиелната политика на осигурителните претпријатија кон нивните клиенти.

„Не ги осигуруваме нашите приноси бидејќи немаме пари да ги покриеме високите цени, а осигурителните претпријатија честопати манипулираат со нас. Затоа ние се надеваме на субвенциите, кои постојано се зголемуваат. Штетите како резултат на климатските промени, исто така, се зголемуваат од година на година, како и нашите трошоци, така што секоја помош е добредојдена“, рече за SETimes Ристо Стефановски, земјоделец со имот во близина на Скопје.

Луѓето ja изгубија доверба. Ситуацијата не е многу променета и денес,  претпријатијата повторно ги диктираат условите и тоа негативно се одразува на земјоделството и воопшто економијата

Откако македонското Министерство за земјоделство воведе 60 отсто субвенционирање на земјоделското осигурување во 2008 година, интересот за обезбедување заштита се зголеми. Сепак, бројот на осигурените земјоделци е мал во споредба со бројот на регистрираните земјоделци. Една од главните причини е несоодветното познавање од страна на земјоделците на бенефициите, како и програмата за субвенционирање на осигурителните премии.

Македонските земјоделци ја поздравија државната помош од 60 отсто, но рекоа дека истата доаѓа со задоцнување во сезоната, тие исто така, не им веруваат на намерите на државните претставници од пониско ниво.

Осигурителните претпријатија бараат потврда дека државата ќе покрие 60 отсто од вкупната осигурителна сума, но регионалните канцеларии на Министерството за земјоделство сé уште не ја издаваат истата. Претставниците ни рекоа дека апликациите што мора да ги пополнеме ќе стигнат до нив во јуни. Зошто би ни требало осигурување во јуни кога тогаш ќе завршиме со собирањето на плодовите ?

Извор SETimes