Сонцето има поголемо влијание врз климата во постудениот период
Напишано од Глигор Тодоров
сабота, 7 март 2015

Активноста на Сонцето е многу значаен фактор во комплексната интеракција што влијае врз и ја контролира нашата клима. Нови истражувања укажуваат на тоа дека влијанието на Сонцето не е постојано,туку дека има поголемо значење кога климата на Земјата е постудена.

 

 

Многу  расправи имаше за тоа дали промената на јачината на Сонцето ги придизвикувала  климатските промени во минатото, но сè поголемиот дел од резултатите од истражувањата јасно покажуваат дека соларната активност, т.е. количината на радијација што доаѓа од Сонцето, има влијание врз тоа како климата се менува низ времето.

 

Во новото истражување кое  е објавено во научното списание „Геологија“, истражувачите, од повеќе институции од различни држави, потврдуваат дека во текот на последните 4 000 години постоела блиска поврзаност меѓу соларната активност и температурата на површината на морето во летниот период во северниот дел на Атлантскиот океан. Оваа поврзаност не е забележана во претходниот период.

 

Од крајот на последната ледено доба,пред околу 12 000 години, климата на Земјата била претежно топла. Меѓутоа, климата не била стабилна во текот на овој период, т.е. температурите варирале во текот на подолги временски интервали. Генерално, во последните 4 000 години, климата била малку постудена.

 

„ Свесни сме дека Сонцето има значајна улога во нашата клима, но неговото влијание не е целосно разјаснето. Се чини дека климатските промени се засилени или ослабени како резултат на соларната активност. Степенот на влијанието на Сонцето низ времето не е константно, но сега може да заклучиме дека климатскиот систем повеќе го восприема влијанието на Сонцето  во текот на постудените периоди, барем во регионот на северниот дел на Атлантскиот океан“, објаснува еден од истражувачите при Универзитетот во Данска, кој е еден  од членовите на интернационалниот  тим за ова истражување.

 

 

Еден дел од климатската „сложувалка“

 

Во истражувањето, како репер истражувачите ја земале температурата на морската површина во летниот период во северниот дел на Северниот Атлантски океан во текот на последните 9 300 години. Директни мерења на температурата се пронајдени само за последните 140 години. Но, со испитување на морските алги, диатомеи,пронајдени во седиментите депонирани во морското дно на Северниот Атлантик, може да се искотисти распределбата на  видовите на овие организми за да се реконструираат флуктуациите на температурата на морската површина дури и порано .

 

Деталното истражување овозможува да се направи споредба на податоците за флуктуациите на експлозиите на сончевата енергија во истиот период, така што добиените резултатите покажале јасна поврзаност меѓу климатските промени во Северниот Атлантик и сончевата активност во текот на последните 4000 години, и тоа во текот на подолгите временски интервали од стотици години , и флуктуациите во периоди од 10 до 20 години.

 

Новите сознанија се мали, но се многу значајни делови од целокупната слика во однос на разбирањето на тоа како функционира целиот климатски систем. „ Нашата клима е премногу комплексна. Со собирање на знаења, дел по дел , за тоа на кој начин поединечните  елементи делуваат заедно и си влијаат еден на друг за да засилат еден ефект или да ублажат некое влијание, постепено може да добиеме целосна слика за механизмот. Исто така, ова е многу важно и за разбирање на климатските промени предизвикани од човекот за тоа како може да влијаат и да се под влијание во оваа интеракција“, изјави еден од истражувачите.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од Weather4all.com.mk