Појава на нови епидемии предизвикани од климатските промени
Напишано од Глигор Тодоров
четврток, 5 март 2015

Спорeд ново истражување, еболата не претставувала само аберација, туку може да ја претставува иднината каква би изгледала, како резултат на климатските промени кои го забрзуваат ширењето на болестите од егзотичните предели.

 

„На пример САРС, западно-нилскиот вирус итн- овие патогени многу полесно може да се пренесат во нови региони за разлика од она што го мислевме порано“, изјави Даниел Брукс, кој е зоолог при Универзитетот на Небраска -Линколн. „Сè што е потребно е да дојдат во контакт со домаќин со слаб имунитет.“

 

 

Во истражувањето, кое е објавено во списанието Philosophical Transaction of the Royal Society B, Брукс и коавторот Ерик Хоберг откриле дека променувањето на климата ќе предизвика миграција на птици, риби и животни во нови региони. Така патогените ќе наидат на нови домаќини кои немаат имунитет за различни болести.

 

Не станува збор за епидемиите во оддалечните области на светот, туку многу поблиску до средината во која живееме.

 

Брукс вршел истражување во тропксиот регион на Коста Рика, а пак Хоберг, кој работи во Министерството за Земјоделство на САД, вршел истражување на паразити во птици и цицачи во пределите на канадскиот Арктик. Нивните открија биле загрижувачки бидејќи биле неверојатно слични.

 

И двајцата откриле многу непознати паразити, но она што ги изненадило најмногу биле веќе познатите паразити кои сега престојувале во нови домаќини во региони многу далечни од оние на првичните организми. Кога го продлабочиле нивното истражување ,откриле дека овој феномен се појавил за време на првите епизоди на значајните климатски промени, како оние во леденото доба. „ Во текот на леденото доба, климатските промени приморале многу животни и растенија да се преселат јужно, каде се измешале со локалните видови, и кога завршил тој период, тие се вратиле на север. Но, до тогаш патогените веќе биле разменети помеѓу северните и јужните видови, па оние кои се исселиле кон север биле целосно нови патогени“, објаснува Брукс.

 

Секој вид на движење создава можност да стапат во контакт секаков патоген и домаќин.

 

Брукс предупредил дека треба да очекуваме болестите од егзотичните предели да стануваат сè почести. Јавните здравствени институции ќе треба сè повеќе да се грижат за болести пренесени на човекот преку животните.

 

Според научниците, новите болести најверојатно ќе имаат и огромно влијание врз економијата, истовремено загрозувајќи го и снабдувањето со храна.

 

Ова е од огромно значење за безбедноста на храната. Промената на температурата предизвикува распределба на животните. На пример, кога се преселуваат на север,кон канадскиот Арктик, тие доаѓаат во допир со локалните животни како ирваси, карибу и мошусен бик, кои пак се изложуваат на нови патогени, што може да доведе до намалување на нивниот број и да го загрози снабдувањето на храна на жителите од тој регион.

 

Исто така, климата ќе ја промени и местоболожбата на одгледување на земјоделските култури, и како што ќе се пренесуваат кон север, ќе се носат патогени во новите региони. Но ниеден од научниците не предвидува дека нè очекува целосна катастрофа. Добрата вест е што може да се намалат ефектите. Факт е дека не може да се стопира појавата на нови болести, како што не може да се стопираат ни климатските промени, но може да се подготвиме за она што следува.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од Weather4all.com.mk