Светска мапа на бури проследени со громови и молњи како клуч за проценување на климатските промени
Напишано од Глигор Тодоров
недела, 22 февруари 2015

Часовникот за судниот ден, кој ја мери веројатноста за случување на глобална катастрофа, отчука уште една минута поблиску до „полноќ“, т.е. апокалипсата.  Симболичниот часовник бил наместен на 11:57  од страна на атомски научници кои добиле 17 нобелови награди, и предупредиле дека планетата, обременета од климатските промени и нуклеарното оружје, се соочува со невообичаени и неоспорни закани за нејзиното постоење.

 

 

Новото истражување спроведено од професорот Колин Прајс на Универзитетот „Тел Авив“ на катедрата за наука на Земјата, кое е објавено во електронскиот весник Истражувачките Писма  за  животната средина ( Environmental Research Letters) , ќе има големо значење во однос на мерњето на влијанието на климатските промени врз бурите проследени со громови и молњи, што претставува една од најпроблематичните временски појави врз човечкиот живот на планетата. Варирањето на фреквенцијата и интензитетот на бурите има директни последици врз населението,  земјоделството и индустријата.

 

„До денешен ден, сателитите имаат обезбедено само фотографии од инциденците на бурите“,изјавил професорот Прајс, чија  мапа на бури  на глобално ниво е прва од таков вид. „Ние сакаме да го искористиме нашиот алгоритам за да одредиме како климатските промени  влијаат врз фреквенцијата и интензитетот на бурите. Според предвидувањата за климатските промени, секој еден процент зголемување на глобалната температура води кон зголемување на активноста на бурите за 10 проценти. Ова значи дека се очекува 25 проценти повеќе молњи до крајот на векот.“

 

 

Следење на громови

 

За изработка на глобална мапа на бури проследени со громови и молњи, професорот Прајс и студентот на Универзитетот „Тел Авив“, Керен Мезуман, употребиле широка глобална  мрежа на громови и молњи составена од  податоци превземени од  70 метеоролошки станици кои биле оспособени на далечина од десетици милји да регистрираат радио бранови создадени од молњи, кои се главна карактеристика на овие бури. Светската мрежа за лоцирање на молњи (World wide Lightning Location Network) е управувана од страна на научници за атмосферата при универзитети и институти за истражување низ целиот свет. Тимот при Универзитетот „Тел Авив“ го искористил овој систем на копнена површина за групирање на единечните удари на громови во  „ најмали единици на бури“.

 

На секој час било регистрирано точното ГПС време на поединечните појави на бранови на молња. Врз основа на ова, професорот Прајс и неговите колеги ја пресметувале разликата на времето на пристигнувањето на сигналите, користејќи податоци од четири до пет различни станици за да лоцираат единечни удари на громови било каде на планетата. И на крај, истражувачите ги групирале детектираните удари во кластери на најмалите единици на бурите со громови.

 

 

Станицата во Израел може да регистрира громови дури во централна Африка

 

„Кога ги групиравме ударите на громови во најмали единици на бури, откривме дека постојат околу 1000 активни бури со молњи во секое време насекаде на планетата,“изјавил професорот Прајс.

 

Истражувачите, по вкупно седум години поминати во анализа на податоците, откриле дека секојдневната активност на молњите е највисока во 19 00 ч. по Гринич, а најслаба во 03 00 ч. по Гринич. Кај првичните истражувања било проценето дека 90 проценти од ударите на гром се појавиле на копнени површини, но тимот од Универзитетот „Тел Авив“ открил дека само 50 проценти од единиците на бури се случиле на копнена површина, што води кон тоа дека кај бурите на копно имало повеќе громови, отколку во океанските бури.

 

„Како громовите ќе бидат распределени во бурите, и како ќе се промени бројот и интензитетот на бурите во иднина, се прашања на кои работиме со цел да дадеме одговор,“ кажал професорот Прајс.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од Weather4all.com.mk